Wonderful points by Igor Angjelkov

На 27 март имавме исклучителна можност во иста вечер да присуствуваме на проекциите на двата нови документарни филмови од македонските автори Владимир Блажевски и Роберт Јанкуловски, од 19 и 21 часот, секако, во омилената кино сала на Кинотеката. И ако „Манаки – Приказна во слики“ на Јанкуловски својата официјална скопска премиера ја доживеа на почетокот од месецот, па ова беше репризно прикажување за сите оние кои беа спречени да дојдат, тогаш за „Театарот во Скупи“ на Владимир Блажевски ова беше официјалната премиера токму во оваа специјална вечер, кога на едно место се собраа луѓето од филмската фела, но и оние, секогаш љубопитните проследувачи на квалитетните остварувања во Седмата уметност.

Малкумина знаеја дека паралелно со снимањето на неговото последно долгометражно играно остварување „Година на мајмунот“, режисерот Владимир Блажевски работеше и на документарниот проект насловен „Театарот во Скупи“. Резултатите од тој неколкугодишен ангажман, започнат во 2014 година, конечно ги видовме на големото платно спакувани во педесет и кусур минутен  научно-образовен филм кој го документира комплетниот процес на обнова на римскиот театар во Скупи, чие (ре)откривање се случува со децении наназад, но, очигледно, овој пат со прилично сериозни резултати, кои Блажевски и филмската екипа ни ги подаруваат одблизу на нам, гледачите. Иако фокусот, како што кажува и самиот наслов, е театарот во Скупи како најголемиот од ваков вид кај нас, дури и од попознатите Стоби, Лихнидос и Хераклеја, документарниот филм сепак ја контекстуализира приказната и истовремено ни раскажува за историјата на Скупи низ вековите, и уште поважно, не’ запознава со основите на археологијата и тајните на конзерваторството.

Блажевски, без многу мудрување, ни дава класичен училиштен пример како треба да се реализира ваков тип на наменски документарец, кој ги содржи сите класични елементи кои треба да се застапени во научно-документарниот тип на филм: нараторот ни сервира строго научни сознанија, соговорниците се стручни лица (археолози, историчари, архитекти…) кои си ја познаваат својата дејност, а дејствието си има свој вовед, развој и заклучок. За целите на овој проект се користени архивски филмски материјали кои за момент го доловуваат можниот раскош на Скупи пред многу векови, и секако, 3-Д анимациите за изгледот на театарот во неговиот врв и процут. Постојаното навраќање и користење на овие лајт-мотиви го принудуваат гледачот за момент да заборави на нивната намена и да помисли дека токму тие материјали се ископани од долните слоеви на старото Скупи и конечно и’ се прикажуваат на јавноста, така збогатувајќи ја филмската историја со уште 15-20 векови наназад. Со оваа постапка Блажевски како да се обидел да влезе во археолошки филм и следејќи ги каноните во оваа наука, сакал истите да ги примени и во филмското милје. И секако, успеал во тоа.

Но, за сето ова да изгледа уверливо придонесува и останатиот дел од екипата. Кинематограферот Димо Попов поетично ги слика луѓето на теренот додека внимателно со метличките ги тргаат вековните слоеви од земјата кои кријат возбудливи тајни, секогаш на крајот враќајќи нè на мотивот на зајдисонцето, а потоа неговиот суптилен швенк со камерата нè втурнува во светлата лабораторија на конзерваторите, кои скршените парчиња внимателно ги обновуваат, за потоа со гордост да и’ ги претстават на јавноста. Монтажата на Благоја Неделковски е школска, а зачинот го дава сугестивната музика на Александар Пејовски, кој секогаш знае да се прилагоди на темата и да погоди во центарот.

The whole story…